Корисничко име Лозинка Пријави се
12.3.2012

Бекали ги брка странците од Стеауа

Џиџи Бекали, контроверзниот сопственик на романската Стеауа, најави дека на крајот на сезоната сите странци ќе го напуштат клубот, бидејќи смета дека екипата може да постигне успех со домашните фудбалери.

„Сакам да видам тим кој е составен само од Романци. Аргентинецот Брандан веќе замина во Кина, нема да ги продолжиме договорите со Португалецот Алвес и Бугаринот Илиев, а ќе си замине и Црногорецот Николиќ“, им рече Бекали на романските медиуми.
Првиот човек на Стеауа потсети дека на клубот од Букурешт не му беа потребни странци кога во 1986 година стана шампион на Европа.
„Во таа екипа беа само Романци. Зошто сега би плаќал странци, а тимот ништо не успева да освои. Ние никогаш нема да бидеме како останатите, како што е, на пример, Клуж“, наведе Бекали.
Клуж, второпласираниот тим во романскиот шампионат, моментно има 18 странски играчи и Португалецот Жорже Коста за тренер.
Фудбалерите на Стеауа моментно се наоѓаат на петтото место на табелата на националното првенство, со девет бодови помалку од лидерот Динамо од Букурешт.

Најнови вести