Корисничко име Лозинка Пријави се
03.7.2018

Бразил рутински во четврт-финалето

Головите за триумф на Бразил ги постигнаа Нејмар во 51-ата минута и Роберто Фирмињо во 88-та.

Бразил во четврт-финалето ќе игра против Белгија која во неверојатен меч направи пресврт и ја победи Јапонија со 3-2.
Петкратниот светски првак нешто полошо го почна натпреварот во Самара, Мексико ја имаше почетната иницијатива, но како што одминуваше првото полувреме „кариоките“ воспоставија рамнотежа.
Неколку минути по стартот на второто полувреме Бразил дојде до водство. Нејмар на левата страна го проигра Вилијан кој се ослободи од својот чувар и нафрли во петерецот каде Нејмар беше побрз од Габриел Хезус и ја проследи топката во голот на Мексиканците.
Мексико се обиде веднаш да возврати но одбраната на Бразил реагираше одлично и не дозволи израмнување на резултатот.
Во финишот на натпреварот Мексиканците тргнаа со сите сили во напад, но Бразил по една брза контра го постави конечниот резултат.
Нејмар се проби по левата страна во шеснаесетникот и шутираше, одличниот Очоа одбрани, но Фирмињо немаше проблем одбиената топка да ја спроведе во голот.
Мексико и на петтиот натпревар против Бразил на Светските првенства не успеа да постигне ниту гол, а Бразил по седми пат по ред дојде до четврт-финалето.

Најнови вести