Корисничко име Лозинка Пријави се
17.11.2017

Борусија во криза, а го суспендира најдобриот играч

Борусија Дортмунд го суспендира Пјер-Емерик Обамејанг, нејзиниот најдобар стрелец и најголема ѕвезда на тимот, пренесуваат германските медиуми.

Се наведува дека Обамејанг е само отстранет од тимот од дисциплински причини, па нема да биде во протоколот за денешниот натпревар со Штутгарт.
Габонецот постигна десет голови на 11 натпревари оваа сезона, но не ја погоди мрежата на противникот на последните пет дуели во сите натпреварувања, од средбата со Лајпциг во октомври.
Не успеа да погоди ниту за репрезентацијата во последните два натпревара од квалификациите за Мундијалот 2018 година. Габон остана без пласман на Светското првенство.
Ова е втор пат Борусија да го суспендира Обамејанг, првиот пат тоа се случи минатиот ноември, кога го пропушти гостувањето кај Спортинг во Лисабон во Лигата на шампионите поради приватното патување во Милано против желбата на тренерот Томас Тухел.
Обамејанг, за кого веќе неколку преодни рока се шпекулира дека би можело да направи трансфер во Реал Мадрид за речиси сто милиони евра, често е во судир и со новиот тренер на „милионерите“, Петер Бос, па извесно е дека токму поради тоа добил нова суспензија.
Борусија е во очајна форма, нема победено во Бундеслигата од 30-ти септември, а во меѓувреме е елиминирана и од Лигата на шампионите. Бос се надева дека репрезентативната пауза му одговарала на неговиот тим и дека денес конечно ќе ја завршат низата од четири натпревари без победа.
„Кога нема да победите, тогаш одите во средба со ветрот. Но, мене ми е предизвик да направам пресврт на ситуацијата. Ќе го најдеме патот повторно да бидеме оние вистинските. Не ми прават непријатност само резултатите, туку и начинот на којшто играме. Трениравме со 12 или 13 првотимци, за разлика од порано кога во текот на паузата во Дортмунд остануваа само четири или пет. Тоа ми влева оптимизам за наредниот период“, изјави Бос.
Борусија по дуелот со Штутгарт, ја очекува средбата со Тотенхем во Лигата на шампионите, а потоа и локалното дерби со Шалке во Бундеслигата.

Најнови вести