Корисничко име Лозинка Пријави се
07.6.2017

Ролан Гарос: Дебакл на Ѓоковиќ, Тим во полуфиналето против Надал

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ е елиминиран во четврт-финалето на Ролан Гарос откако денес изгуби од Австриецот Доминик Тим 7:6 (7:5), 6:3, 6:0.

Натпреварот траеше 137 минути, а на Тим ова му е прва победа против Ѓоковиќ во кариерата по петте последователни порази.
Ѓоковќ на болен начин ја предаде круната во Париз, во еден од најслабите натпревари во кариерата, а Тим во полуфиналето ќе игра против „кралот“ на земјените терени, Шпанецот Рафаел Надал.
Тенисерите во првиот сет направија по два брејка, па сетот е одлучен во тај-брејкот кој Тим го доби со 7:5. Австриецот му го одзеде сервисот на Ѓоковиќ во вториот гем, што му беше доволно да го освои вториот сет и да поведе со 2:0.
Седмиот играч на светот, Тим, целосно доминираше во третиот сет и не му дозволи на Ѓоковиќ да освои ниту еден гем, па победи по два часа и 15 минути.
Тим направи 38 винери, наспроти Ѓоковиќ со 18.
Во полуфиналето тој ќе игра против деветкратниот освојувач на Ролан Гарос, Рафаел Надал, кому претходно денес сонародникот Пабло Карењо Буста му го предаде мечот. Надал пред паузата водеше со 6:2, 2:0.
Тим досега шест пати играше против четвртиот играч на светот, Надал, и оствари две победи. Последен пат играа оваа година на Мастерсот во Рим, кога австрискиот тенисер победи со 6:4, 6:3.
Ролан Гарос се игра за вкупен награден фонд од 16.790.000 евра.

Најнови вести