Корисничко име Лозинка Пријави се
29.12.2016

Најплатениот фудбалер на светот – Карлос Тевес во Кина

Аргентинецот Карлос Тевес официјално стана најплатениот фудбалер на светот, потпиша двегодишен договор со кинескиот Шангај Шенхуа вреден 80 милиони евра.

Тевес има 32 години, во Кина оди по двете сезони во саканата Бока јуниорс, за која на 56 натпревари постигна 25 голови, вклучувајќи ги и двата во победата над најголемиот ривал Ривер плате со 4-2 на почетокот на декември.
Тренер на Шангај е Уругваецот Густаво Појет, а преостанатите ѕвезди на тимот се: Сенегалецот Демба Ба, Нигериецот Обафеми Мартинс, како и Колумбијците Џовани Морено и Фреди Гуарин.
Доаѓањето на Тевес е втор голем трансфер на кинеските клубови оваа зима, градскиот ривал на Шенхуа, СИПГ, кого го предводи Андре Вилаш-Боаш, договори трансфер на Бразилецот Оскар од Челзи за 70 милиони евра.
Тевес наредните денови ќе ѝ се приклучи на екипата на јапонскиот остров Окинава, каде што Шенхуа ќе се подготвува за новата сезона до крајот на јануари.
Шенхуа минатата сезона заврши на четвртото место во Кина, зад СИПГ, Џангсу Сунинг и повеќегодишниот шампион Гвангжу Евергранде, па нема да игра во азиската Лига на шампиони.

 

Најнови вести