Корисничко име Лозинка Пријави се
19.5.2016

Севилја владее во Лигата на Европа

Тренерот на Севилја Унаи Емери изјави дека неговиот тим заслужи да ужива во титулата на Лигата на Европа, трета по ред и вкупно петта во нивната историја.

Андалузијците во финалето го совладаа Ливерпул со 3-1, иако губеа во првото полувреме.
„Ова е наше натпреварување, Ливерпул водеше и можеше да победи, но игравме со многу поголема самодоверба по нашиот прв гол. Во полувремето сакавме да направиме ред, требаше да ја играме својата игра“, изјави Емери.
„Нашиот вистински успех е она што го направивме на патот до титулата, уживавме и сега сме повторно шампиони. Овие моменти се единствени, мораме да уживаме во нив, иако нè чека и финалето во Кралскиот куп“, додаде тренерот на Севилја.
Во период од 25 минути во второто полувреме Севилја постигна три голови.
„Моравме нешто да сториме на полувремето бидејќи Ливерпул е одличен тим. Моравме да веруваме во себе и да се чувствуваме како да сме на својот стадион. Навивачите беа неверојатни, дадоа сè од себе и ние веднаш се почувствувавме заштитени. Со нас беше и Антонио Петра (починатиот фудбалер кој ви текот на кариерата играше само за Севилја), оваа победа е за сите нив“, изјави Емери. 
Јунакот на натпреварот беше двократниот стрелец, Коке.
„Беше совршена ноќ за Севилја и за мене бидејќи не сум баш навикнат да давам голови и ова ќе го паметам до крајот на животот. Натпреварот беше тежок, нивниот гол ни ги отежна работите, но излеговме по полувремето уште помотивирани на теренот“, изјави Коке и додаде:
„Знаеме дека Ливерпул е познат по историските пресврти, успеа во нешто слично против Борусија Дортмунд, размислувавме околу тоа, не сакавме да се олабавиме и да дозволиме такво нешто. На полувремето тренерот ни кажа да мислиме како да играме дома. Поголемиот дел на навивачите на трибините беа нивни, но нашите беа погласни“. 
По петтата титула во Лигата на Европа, Севилја следната година ќе игра во Лигата на шампионите.

Најнови вести