Корисничко име Лозинка Пријави се
21.2.2013

Шалке поднесе жалба поради настапот на Дрогба за Галатасарај

Челниците на Шалке поднесоа жалба до Европската фудбалска федерација поради настапот на Дидие Дрогба за Галатасарај во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите.

Вчерашниот дуел во Истанбул заврши нерешено 1-1, но клубот од Гелзенкирхен се надева дека УЕФА ќе го регистрира со резултат од 3-0 за нив. Хорст Хелт, спортскиот директор на Шалке, потврди дека е поднесена жалба бидејќи во клубот сметаат дека Дрогба има валиден договор со кинескиот фудбалски клуб Шангај Шенхуа поради што не смееше да биде регистриран за Галатасарај.
Триесет и четиригодишниот напаѓач од Брегот на Слоновата Коска потпиша едноиполгодишен договор со турскиот гигант, а Шангај притоа не доби никаква оштета иако со Дрогба имаше потпишано соработка до 2014 година. Но поранешниот фудбалер на Челзи тврди дека не ги примил последните три плати во Кина и дека поради тоа договорот со Шангај е невалиден, а на негова страна застана и Меѓународната фудбалска федерација, која му издаде лиценца за играње во Галатасарај.
Потоа се јавија челниците на Шангај, коишто тврдат дека ги исполниле сите обврски кон Дрогба и дека тој не смеел да биде регистриран за турскиот клуб. На тоа, очигледно, се фатиле и во Шалке и сега се обидуваат да издејствуваат победа од зелената маса која и пред возвратниот натпревар практично би им гарантирала пласман во четврт-финалето.

Најнови вести