Корисничко име Лозинка Пријави се
12.7.2012

Кувајќани го презедоа Нотингам форест и го отпуштија тренерот

Англискиот клуб со славно минато Нотингам форест во минатата сезона во Шампионат лигата, еден ранг под Премиер лигата, го зазеде 19-тото место, но со доаѓањето на богатите Кувајќани се очекува светла иднина.

Семејството Ал-Хасави вчера објави дека станало сопственик на некогашниот двократен европски шампион Нотингам форест, кој беше на пазарот од крајот на минатата година. Тогаш одлучи да го продаде претходниот сопственик Најџел Доти. За жал, Доти во февруари почина од срцев удар, а официјално новите сопственици ќе бидат претставени во сабота.
„Нам ни е чест и привилегија да ја преземеме контролата на клуб со ваква историја. Знаеме дека пред нас е период со многу предизвици за да го вратиме клубот на старите патеки на славата, но сме и возбудени поради успехот што го очекуваме во иднина. Во следните неколку седмици ќе имаме тесна соработка со играчите и сите во клубот за да може што подобро да се подготвиме за следната сезона. Ова е голем мотив за нашето семејство, а сите може да бидат сигурни дека ќе направиме сè за клубот на крајот на сезоната да заврши на врвот на табелата“, изјавија Абдулазиз и Омар Ал-Хасави.

Останува да се види дали Кувајќаните ќе вложат и ќе постигнат резултат сличен на оној кој во Манчестер сити го оствари шеикот Мансур.

По доаѓањето на новите сопственици, прва „жртва“ е тренерот Стив Котерил, кој го напушти клубот:
„Му се заблагодаруваме на Котерил што го водеше клубот низ екстремно тешкиот и трауматичен период и што го задржа во Шампионатот минатата сезона“, се вели во соопштението на Нотингем форест.
Котерил го презема клубот во октомври 2011 година кога „шумарите“ беа над зоната за испаѓање, а на тоа место го замени поранешниот англиски селектор, Стив Мекларен.