Корисничко име Лозинка Пријави се
10.1.2012

Бармби ја завршува играчката кариера

Поранешниот англиски репрезентативец Ник Бармби, кој од 15-ти декември минатата година ја врши должноста тренер на Хал, објави крај на својата играчка кариера.

Сениорската кариера Бармби ја почна во Тотенхем во 1990 година, на шеснаесет години, а интересно е тоа што првиот негов натпревар, и тоа пријателски, го одигра токму против Хал, постигнувајќи и два погодока.
По Тотенхем, играше и во Мидлсборо, Евертон, Ливерпул, Лидс и Нотингам форест, а од 2004 година е во Хал. Во декември, по заминувањето на тренерот Адам Пирсон, привремено ја презеде должноста прв тренер, а откако управата му понуди вистински договор и му укажа доверба, тој по дваесет и една година реши да ги обеси копачките.
„Огромна чест ми е да бидам менаџер на клуб од мојот роден град и се радувам на тој предизвик. Не беше лесно да се одлучам да ставам крај на фудбалската кариера, но се радувам што ќе работам како менаџер со одличен млад и талентиран тим“, рече Бармби, кој запиша дваесет и три настапи и четири гола за англиската репрезентација.
Хал во моментов се наоѓа на шестата позиција во втората англиска лига и се надева на враќање во Премиер лигата, од каде што испадна во сезоната 2009/10.

Најнови вести