Корисничко име Лозинка Пријави се
24.7.2018

Клоп: Сега следат трофеи!

Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, изјави дека следен чекор на неговата екипа е освојување трофеи, но дека тој не може ништо да гарантира.

„Црвените“ претходните 12 месеци потрошија околу 250 милиони фунти на трансфери, вклучувајќи ги и рекордните износи за доведување на голманот Алисон и дефанзивниот играч Вирџил ван Дајк, но не освоија ниту едно натпреварување од 2012 година, кога славеа во Лига купот.
„Знам кои се очекувањата и тоа е сосема нормално. Имаме најголеми амбиции – сто отсто. Следен чекор ни е освојување трофеи и ние мораме да бидеме подготвени за тоа. Не можам да давам гаранции за тоа, но ги разбирам очекувањата на навивачите“, изјави Клоп.
Откако дојде Клоп во октомври 2015 година, Ливерпул е поразен во три финалиња, а последен пат шампион на Англија беше во 1990 година.
Покрај Алисон, Ливерпул ова лето го доведе и играчот за врска Наби Кејта од Лајпциг за околу 50 милиони фунти, Фабињо од Монако за повеќе од 40 милиони, како и Џердан Шаќири од Стоук за 13 милиони.
„Ние, пред сè, треба да играме фудбал кој ни дава шанса да освоиме нешто, а пред почетокот на сезоната не можеме да кажеме дека ќе освоиме што било. Сигурен сум дека од претходните сезони можеме да извлечеме многу поуки“, изјави Клоп.
Ливерпул претходните сезони изгуби во финалето на Лигата на шампионите од Реал Мадрид, додека Премиер лигата ја заврши на четвртото место.
„Фудбалот што го играше мојата екипа минатата сезона не е едноставен. Беше вложено многу работа за да играме на начинот на којшто игравме“, додаде Германецот.
Тој изјави дека оваа година ќе биде потешка поради многубројните промени и трансфери речиси во сите тимови.
Новата сезона во Премиер лигата ќе почне на десетти август, а Ливерпул два дена подоцна ќе го дочека Вест хем.

Најнови вести