Корисничко име Лозинка Пријави се
12.2.2018

Дали ќе има нови одлагања на скијачките трки?

Силниот ветар доведе до одлагање на почетокот на програмата во алпско скијање на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, а засега нема гаранција дека трките ќе бидат одржани според новиот план.

Машкиот спуст и женскиот велеслалом се преместени за во четврток, а прва наредна трка која е закажана е алпската комбинација за скијачите, која би требало да се одржи утре. Меѓутоа, поради силниот ветар и фактот дека таа го опфаќа спустот, прашање е дали тоа ќе биде можно.
„Не гледаме некои големи промени за утре и за во среда. Сè што знаеме е дека поради силниот ветар, не е можно да се одржат трките во брзинските дисциплини. Утре ќе биде предизвикувачки ден, а можеби и лесен ден ако се пробудиме, а гондолата не работи“, изјави Маркус Валднер, директорот на машките трки на Игрите во Пјонгчанг.
Поради ветрот кој дуваше 70 км/ч, гондолата со која скијачите се превезуваат до стартот не можеше да работи вчера, поради што беше откажан спустот. Доколку гондолата работи, организаторите ќе дадат сè од себе да почне акцијата на патеката, па постои можност спустот во рамките на комбинациите да биде поместен за еден час, со надеж дека условите ќе се подобрат. Стартот на спустот е планиран за утре, од 11.30 часот, а секое одложување би довело до тоа слаломот да се скија под рефлектори како ноќна трка од 18 часот.
Локалниот метеоролог најави силен ветар и за во среда, за кога е закажан женскиот слалом, а подобри услови треба дасе појават во четврток. Доколку навистина биде така, машкиот спуст и женскиот велеслалом ќе добијат зелено светло. Првобитно, за во четврток беше планиран само машкиот велеслалом, но откажувањето на спустот доведе до негово поместување за во петок, кој требаше да биде слободен ден.