Корисничко име Лозинка Пријави се
15.2.2018

Свиндал и Јансруд за викиншко славење во спустот

Норвешките скијачи триумфираа во спустот на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг. Алекс Лунд Свиндал го освои златото, а Четил Јансруд среброто.

Разликата меѓу двајцата норвешки скијачи беше само 12 стотинки, додека третото место му припадна на Беат Фојц од Швајцарија, побавен за уште шест стотинки.
Спустот првобитно требаше да биде возен уште пред четири дена, но големите проблеми со ветрот ја променија целосно програмата, па распоредот е многу густ, но за утеха натпреварувачите добија идеални услови на Џеонгсеон.
Прв на патеката излезе Томас Дресен, Германецот кој беше најбрз во спустот за комбинација. Неговиот настап делуваше солидно, но ривалите брзо почнаа да го престигнуваат.
Свиндал почна фантастично, но во вториот дел од патеката имаше повеќе проблеми испадна од обележаната патека поради преголемата брзина. Сепак, во завршниот дел од патеката возеше совршено и ја врати големата предност.
Јансруд почна одлично и ја држеше предноста многу долго, вклучувајќи го секое од минувањата, но во завршницата изгуби ритам и за влакно го изгуби дуелот со репрезентативниот колега и близок пријател.
Со тоа Норвешка, најуспешната нација во зимските спортови, го освои златото во спуст за прв пат од Зимската олимпијада во 1948 година.
На Свиндал ова му е второ олимписко злато, по супервелеслаломот во Ванкувер, и четврт медал, бидејќи во Канада беше втор во спустот и трет во велеслаломот. Воедно е најстариот олимписки победник во историјата на алпското скијање, со 35 години, една година постар од Марио Мат, победникот на слаломот од 2014 година.
На Јансруд ова му е четврт медал, во Сочи освои бронзен медал во спуст, како и златен во супер џи, а во Ванкувер сребрен во велеслалом. Фојц, кој е актуелен светски шампион во спуст, досега нема освоено олимписки медал.
Петер Фил го исплаши водечкиот тандем со одличното возење во горната половина од патеката, но во втората половина го изгуби ритамот и остана на пола секунда од победникот.
Австрискиот тим не им зададе многу неволји на освојувачите на медалите, а Кристоф Инерхофер делуваше опасно само во првиот дел на патеката.