Корисничко име Лозинка Пријави се
10.2.2018

Македонските олимпијци го развиорија знамето на свеченото отворање во Пјонгчанг

Во јужнокорејскиот Пјонгчанг со свечена церемонија беа отворени 23-тите Зимски олимписки игри.

Зимските олимписки игри во Пјонгчанг се отворени со свечена церемонија на Олимпискиот стадион со капацитет од 35 илјади места, кој ќе биде користен само за церемониите на отворањето и затворањето на Игрите.
На ЗОИ во Пјонгчанг ќе учествуваат 2.952 спортисти од 92 земји, коишто ќе се натпреваруваат во седум спортови, 15 дисциплини, додека вкупно ќе има 102 натпреварувања.
На свеченото отворање продефилира и го развиори македонското знаме делегацијата предводена од Ставре Јарда. На Зимските олимписки игри за Македонија ќе настапат и Викторија Тодоровска во нордиско скијање и Антонио Ристевски во алпско скијање, кој по трет пат ќе учествува на зимските игри.
Свечената церемонија на отворањето почна со голем огномет во Пјонгчанг, по што на сцената настапија изведувачи со перформанси на боречки вештини, а потоа беше претставено културното наследство на Јужна Кореја, нејзината традиција и историјата.
Традиционално, парадата на нациите на Олимпискиот стадион во Пјонгчанг ја предводеа грчките олимпијци, кои на овој пат на ЗОИ се четворица. На 23-тите Игри во Јужна Кореја ќе дебитираат шест члена на Меѓународниот олимписки комитет – Еритреја, Еквадор, Косово, Малезија, Нигерија и Сингапур.
Најбројна на ЗОИ беше репрезентацијата на САД, која беше составена од 242 спортисти, а на отворањето ги предводеше натпреварувачката во санкање Ерин Хамлин.
На отворањето на ЗОИ продефилираа и таканаречените „Олимписки спортисти од Русија“, коишто не може да се натпреваруваат под знамето на нивната матична земја поради казната од Меѓународниот олимписки комитет за системски допинг во Сочи 2014 година. Во Пјонгјанг дојдоа само 168, и тоа само оние коишто добиле посебна покана од МОК.
Парадата на нациите ја затворија олимпијците од Северна и од Јужна Кореја, коишто продефилираа заедно, додека знамето заеднички го носеа Чунг Гум Хванг (Северна Кореја) и Јуб Џонг Вон (Јужна Кореја). Двете земји коишто се во судир повеќе од 50 години, прв пат решиле да ги намалат тензиите и на спортски начин да придонесат за помирување на Корејскиот Полуостров.
Спортистот од Тонго, Пита Тауфатофуа, повторно на необичен начин беше знаменосец на неговата земја како и на игрите во Рио 2016. Тој тогаш се натпреваруваше во теквондо, а оваа година ќе настапи во скијачко трчање.
По обраќањето на претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах и на претседателот на Јужна Кореја Мун Џае Ина, Зимските олимписки игри во Пјонгчанг беа прогласени за отворени, по што следуваше полагање на свечената заклетва во име на спортистите, тренерите и судиите, а потоа се подигна олимпиското знаме и се интонираше олимписката химна.
Кулминација на церемонијата претставуваше палењето на олимпискиот пламен. Факелот до местото прво го донесоа заеднички претставниците на соединетиот хокеашки тим на Северна и на Јужна Кореја, а потоа го презеде јужнокорејската шампионка во уметничко лизгање Јуни Ким, која ја имаше честа конечно да го запали Олимпискиот пламен, кој ќе гори до затворањето на ЗОИ во Пјонгчанг.

Најнови вести