Корисничко име Лозинка Пријави се
13.4.2017

Тухел лут на УЕФА: Како да беше фрлена лименка со пиво

Томас Тухел, тренерот на фудбалерите на Борусија од Дортмунд, остро ја критикуваше одлуката на УЕФА натпреварот од Лигата на шампионите да се игра 24 часа по нападот во којшто беше повреден еден фудбалер.

„Би сакал да имавме време да го прифатиме сето тоа, но не ни дадоа време. Ни рекоа – утре треба да играте“, изјави Тухел по натпреварот.
Борусија изгуби на нејзин терен од Монако со 2-3 во првиот натпревар од четврт-финалето на Лигата на шампионите.
Фудбалерите на Борусија и на Монако го одиграа натпреварот по неполни 24 часа по експлозијата во близина на клупскиот автобус на германската екипа.
Преполниот стадион ги дочека играчите со овации, а фудбалерите на Борусија на загревањето излегоа во маици со ликот на Марк Бартра, кој беше повреден во завчерашниот напад.
„Се чувствувавме како да нè игнорираат. Не нè прашаа за мислење, тоа го одлучија во Швајцарија (во седиштето на УЕФА). Неколку минути по нападот, ни рекоа дека треба да играме, како некој да фрлил лименка со пиво на автобусот“, изјави Тухел.
УЕФА во вторникот го откажа натпреварот, но истовремено најави дека средбата се одложува за среда во 18.45 часот, односно помалку од 24 часа по нападот.
„Се работи за нашиот сон да играме во полуфиналето на Лигата на шампионите и би сакале да можевме да играме на нашето најдобро ниво, да бидеме компетитивни“, изјави тренерот на Борусија.
Тухел им дозволил на неговите играчи да кажат ако не се подготвени да играат. Меѓутоа, ниту еден играч не го искористил тоа, изјави тој.
Леонардо Жардим, тренерот на Монако, изјави дека по овој натпревар нема да го памети резултатот, туку она што се случи во вторникот.
„Тешко беше да се подготви овој натпревар. Завчера нашите играчи ги бараа пријателите, семејствата, нивната концентрација падна. Навивачите на Монако оставија многу добар впечаток, многу сум задоволен од ставот на нашите навивачи и од нашиот тим“, изјави Жардим.

 

Најнови вести