Корисничко име Лозинка Пријави се
09.3.2017

Почнува битката за четврт-финалето во Лигата на Европа

Денес на програмата се првите натпревари од осминафиналето на Лигата на Европа, а со тоа ова второ по ранг европско клупско натпреварување влегува во решавачка фаза, па тимовите амбициозно ќе се борат да стигнат до големото финале.

Манчестер јунајтед е главен фаворит за трофејот во ова натпреварување, а во денешниот натпревар гостува кај Ростов. Русите имаат големо искуство и самодоверба од настапите во Лигата на шампионите, па во оваа средба ќе се обидат да ги изненадат „црвените ѓаволи“.
Жозе Мурињо, менаџерот на Јунајтед, теренот на стадионот на Ростов го спореди со оној на Националниот стадион во Пекинг, каде што неговата екипа требаше да одигра пријателски натпревар со Манчестер сити пред почетокот на сезоната, но дуелот беше откажан поради лошиот терен.
„Тешко ми е да поверувам дека ќе играме. Знам дека мораме, но тешко ми е да поверувам дека ќе играме на таков терен, ако може да се нарече така. Навистина, не знам ниту кој тим да го изведам. Не знам дали ќе игра Хенрих Мхитарјан, не знам. Морам добро да размислам, бидејќи очекував нешто поприфатливо. На многу сличен терен во Кина, ние и Сити одлучивме да не играме. Но, изгледа дека сега ќе мораме“, изјави Португалецот.
Краснодар, вториот руски претставник, ќе гостува кај Селта во Виго. Рома, по поразите од Лацио и Наполи, денес ќе игра во Лион.
ФК Копенхаген ќе биде домаќин на Ајакс и е подготвен да го елиминира гигантот од Амстердам. Во осминафиналето на Лигата на Европа ќе се сретнат и екипи од исти држави, па така, Шалке ќе ја пречека Борусија од Менхенгладбах, а Гент ќе биде домаќин на Генк. Жесток дуел се очекува и на балканското дерби меѓу Олимпијакос и Бешикташ.

Најнови вести