Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
17.6.2016

Германија и Полска за прва нула на Евро

Фудбалските репрезентации на Германија и Полска одиграа нерешено 0-0 во второто коло од Групата Ц на Европското првенство.

По сè што беше видено на стадионот „Сент Дени“ многу позадоволни со овој резултат ќе бидат Полјаците кој во текот на сите 90 минути беа во подредена позиција.
Тимот на Јоаким Лев го контролираше поседот на топката, правеше шанси но сепак не успеа да го совлада Фабијански, па го добивме првиот натпревар без постигнат гол на Европското првенство во Франција.
Двата тима сега во Групата Ц имаат по четири бода, а во последното коло репрезентацијата на Германија ќе игра против Северна Ирска, додека Полска ќе се сретне со Украина.
Веќе по три минути игра Сами Хедира заработи жолт картон откако се обиде да направи два остри фаули.
Први на натпреварот сепак се заканија Германците, во петтата минута Гетце се обиде со глава но не беше прецизен, минута подоцна се закани Хектор, но одбраната на Полска успеа да одбрани.
Како натпреварот одминуваше така Германците сè потешко стигнуваа до шанси иако продолжија со големиот притисок. Одбраната на Полска беше многу дисциплинирана, па Германците не успеваа да пронајдат простор.
Второто полувреме започна со шанси за двете страни. Прво во 46-тата минута Милик со глава за малку беше непрецизен, а минута подоцна Гетце беше во одлична позиција, но шутираше право во голманот на Полска.
Полјаците лесно можеа да стигнат до гол во 60-тата минута. Топката по грешката на германската одбрана стигна до Левандовски кој се најде на местото на ударот на работ на казнениот простор, но сепак Боатенг стигна да го блокира.
До крајот на натпреварот Германците успеаја да направат уште неколку половични шанси, но не успеаја да го совладаат Фабијански, па за прв пат на овој турнир натпреварот заврши без ниту еден гол.

Најнови вести