Корисничко име Лозинка Пријави се
17.6.2016

Англија со пресврт го победи Велс, Северна Ирска со пласман во следната фаза

Репрезентацијата на Англија го победи тимот на Велс со 2-1 по пресвртот во вториот натпревар од второто коло на Групата Б на Европското првенство.

Англичаните за прв пат во историјата направија пресврт на резултат на некое големо натпреварување по заостанувањето на полувремето и стигнаа до четири бодови пред последното коло од групната фаза на натпреварувањето.
Јунаци на натпреварот со Велс беа Џејми Варди, кој го изедначи резултатот во 56-тата минута и Даниел Стариџ кој ја донесе големата победа во 92-та минута на натпреварот.
Репрезентацијата на Велс, неочекувано поведе со голот на Герет Бејл од слободен удар во 43-тата минута, со помош на слабата одбрана на Џо Харт.
Во последното коло на групната фаза Англичаните ќе играат против Словачка, додека Велс ќе игра натпревар на сè или ништо против Русија.
Во Групата Ц, репрезентацијата на Северна Ирска ја совлада селекцијата на Украина во второто коло на Европското првенство со 2-0 (0-0).
Првиот гол во историјата на Северна Ирска на континенталното првенство го постигна дефанзивниот играч Гарет Меколи, по одличниот скок и центаршут на Оливер Норвуд во 49-тата минута, за конечниот резултат да го постави Најал Мекгин во последните моменти на натпреварот, во 97-та минута.
Репрезентацијата на Северна Ирска на својот деби настап на ЕП стигна и до првата победа, а воедно и останаа во игра за пласман во следната фаза, бидејќи сега имаат ист број на бодови како Германија и Полска.
Од друга страна пак Украинците го доживеаја и вториот пораз и ги загубија шансите за пласман во осминафиналето.
На стадионот во Лион не гледавме премногу квалитетен натпревар, а освен погодоците можевме да видиме неколку опасни шутеви на двете страни, но главно од дистанца.
Судијата во 57-та минута беше принуден да го прекине натпреварот бидејќи дојде до невреме, но играчите за помалку од пет минути се вратија на теренот.
Третото коло од Групата Ц е на програмата за во вторник кога од 18:00 часот ќе играат Украина и Полска, односно Северна Ирска и Германија.

Најнови вести