Корисничко име Лозинка Пријави се
27.1.2016

Бабунски со Звезда во Лигата на шампионите

Давид Бабунски успешно ги помина лекарските прегледи и му останува денес или евентуално утре да го потпише договорот на две и пол години со Црвена звезда.

„Беше тешко да се одлучам. Звезда е голем клуб, има историја, сериозни планови, а од другата страна постоеја понуди од Шпанија, Белгија, Холандија. Сè ставив на вага и ја одбрав Звезда, бидејќи верувам дека тоа е вистинскиот клуб за докажување. Сакам да играм одличен фудбал, Звезда има највисоки цели, сака да оди во Лигата на шампионите а тука нашите амбиции се поклопија“, изјави Бабунски за српските медиуми.
Македонскиот фудбалер кажува дека не е ѕвезда бидејќи доаѓа како ученик од училиштето на каталонскиот гигант, туку дека е само еден од 25 играчи кои ќе се борат за своето место во тимот.
„Доаѓам од Барселона, но не сум ѕвезда поради тоа. Јас сум само еден од 25-те играчи од тимот кој е спремен во Звезда да го даде најдоброто од себе и да помогне во остварувањето на големите цели. Започнувам од почеток, знам дека имам квалитет, а исто така и силна волја, сакам да успеам на ’Маракана’“, истакна Давид.
Факт е дека притисокот ќе биде помал бидејќи Звезда во првенството има предност од 25 бодови,а тоа сигурно ќе му помогне на Бабунски во прилагодувањето.
„Јас сум во натпреварувачки ритам, последниот натпревар го одиграв за Барселона Б пред две седмици и едвај чекам да му се придружам на тимот на тренинзите“, заклучи во разговорот македонскиот репрезентативец и додаде дека постојат големи шанси ова лето да му се придружи и неговиот брат Доријан, кој во моментов е играч во Реал Мадрид.
„Шансите се големи, останаа некои детали, но за нас би било одлично да дојде и Доријан бидејќи прв пат би играле за некој клуб заедно“, заврши Бабунски.

Најнови вести