Корисничко име Лозинка Пријави се
06.8.2018

Десет порази со гол разлика 3:30, европските шампиони се енигма за нашите екипи

Можниот двомеч меѓу Шкендија и Црвена Звезда за пласман во Лигата на шампионите, ако се случи, би бил шести за наша екипа против клуб што има европска круна, а билансот ни е катастрофален со 10 порази и гол-разлика од 3:30

Шкендија и Црвена Звезда се можни ривали во плејоф рундата за пласман во Лигата на шампионите, по денешната ждрепка во Нион, а како потсетување на евентуалниот двомеч што би предизвикал голем интерес кај нас, се досегашните натпревари на македонски екипи во европските купови, против тимови што ја освојувале најзначајната европска круна во КЕШ, или ЛШ. Црвена Звезда предводена од нашите легенди Дарко Панчев и Илија Најдоски, во Бари пред 27 години го освои пехарот, а гостување на некогашен европски првак е голем предизвик за секого.
Но, прво Шкендија треба да го мине исклучително тешкото искушение и двомечот со фаворитот Салцбург на 8. и на 14. август, за да се надева на спектакуларен двомеч со белграѓани. И Црвена Звезда мора да биде подобра во двата дуели со Спартак Трнава, за да дојде до балканско дерби во Скопје и во Белград.
Прв против европски првак играл Вардар. Нашиот најтрофеен клуб во тогашниот Куп на европски шампиони, во сезоната 1987/88 играше против Порто, екипа која допатува во Скопје како актуелен европски шампион. И лесно со две победи од по 3:0 го елиминира Вардар.
Скопјани имаат уште еден неуспешен двомеч со некогашен континентален првак. Стеауа пред 5 години со вкупен резултат од 5:1 (3:0 и 2:1) го елиминира  Вардар во втората квалификациска рунда за настап во ЛШ.
Ништо подобро не минаа ниту Победа против Хамбургер со два порази во Интертото купот од по 1:4 и Работнички со Ливерпул, во квалификации за Европа Лигата, со два порази од по 0:2.
Искуство во двомеч со европски првак има и Шкендија, од ланската сезона и тоа против Милан. Во плејофот за настап во ЛЕ, тетовци минаа лошо во Милано и загубија со 0:6, а во реваншот поразот беше минимален, 0:1.
Вкупниот биланс на македонските екипи е десет порази, со гол разлика 3:30 во дуелите со некогашни европски прваци. 

Најнови вести