Корисничко име Лозинка Пријави се
30.1.2016

Видиќ ја заврши својата кариера

Српскиот фудбалер Немања Видиќ соопшти дека ја заврши својата кариера во 35-тата година, објавено е на интернет страницата на Црвена звезда и Манчестер јунајтед.

Видиќ од неодамна го раскина договорот со Интер, имаше понуди во неколку клубови, но одлучи да се повлече поради многубројните повреди кои ги имаше во последните години.
„Дојде време да ги закачам копачките. Повредите кои ги имав последните години го земаат својот данок. Сакам да им се заблагодарам на играчите со кои играв, тренерите и луѓето со кои соработував и да им кажав големо ‘благодарам’ на сите навивачи за поддршката која ја имав во текот на годините“, истакна Видиќ.
Видиќ во текот на својата кариера ги бранеше боите на Црвена звезда, Спартак од Суботица, Спартак Москва, Манчестер јунајтед и Интер. Во младите категории играше за Единство и Слобода од Ужице покрај „црвено-белите“, а за репрезентацијата на Србија одигра 56 натпревари и постигна два гола.
„Не живеам јас сон туку ги живеам своите амбиции и цели. Сонот го живеев на ‘Маракана’. Како дете не сонував дека ќе го носам дресот на Манчестер или Реал, туку сонував дека ќе го носам дресот на Звезда, капитенската лента на раката и да му дадам гол на Партизан, и сето тоа успеав да го остварам. Единствено што не успеав, а за што сонував како дете во Ужице, беше по погодокот против ‘црно-белите’ да отрчам на северната трибина и да не се вратам на теренот, но да повторам Звезда беше мојот сон, а Манчестер е докажување и професионализам“, изјави Видиќ во една прилика.
Најголемите успеси ги оствари со „црвените ѓаволи“, со кои пет пати беше шампион на Англија, еднаш шампион на Европа, а освои и три трофеи во Лига купот. Ја имаше честа да биде капитен на клубот од „Олд Трафорд“ под водството на легендарниот Алекс Фергусон.
Пред 18 месеци го напушти Јунајтед и помина во Интер, но поради повредата и тактичките замисли на тренерот запиша само 28 настапи за „нераѕурите“, во текот на една сезона во Интер, Видиќ само еднаш се запиша меѓу стрелците.
Последните седмици за Видиќ интерес меѓу останатите покажаа Баер, Спартак Москва, Галатасарај и неколку клубови од МЛС лигата.

Најнови вести