Корисничко име Лозинка Пријави се
20.1.2016

Кол ја напушти Рома, оди кај Џерард

Рома и одбранбениот играч Ешли Кол спогодбено го раскинаа договорот, соопшти италијанскиот клуб.

Поранешниот англиски репрезентативец од Челзи дојде во Рома во јули 2014 година, но не успеа да се избори за место во тимот кај тренерот Руди Гарсија.
Гарсија беше отпуштен минатата седмица поради низата лоши резултати, а на неговото место на клупата седна Лучијано Спалети.
„Договорот со Кол е спогодбено раскинат. Клубот му е благодарен на Ешли за посветеноста во текот на престојот во Рим и му посакува сè најдобро во кариерата“, се наведува во соопштението на Рома.
Кол одигра само 16 натпревари за Рома во сите натпреварувања, а договорот му траеше до летото.
Британските медиуми шпекулираат дека ќе потпише договор за Лос Анџелес галакси, каде игра неговиот поранешен соиграч од репрезентацијата, поранешниот капитен на Ливерпул Стивен Џерард.
Кол во текот на својата кариера досега играше за Арсенал, Кристал палас и Челзи, за репрезентацијата на Англија играше од 2001 до 2014 година и настапи на 107 натпревари.

Најнови вести