Корисничко име Лозинка Пријави се
21.10.2015

Буфон и Мората ги бркаат рекордите на Дел Пјеро

Џанлуиџи Буфон и Алваро Мората, голманот и напаѓачот на Јувентус, во вечерашниот натпревар против Менхенгладбах би можеле да ги соборат рекордите на некогашниот капитен на тој фудбалски клуб, Алесандро дел Пјеро.

Јувентус вечерва, од 20.45 часот, го дочекува Менхенгладбах во третото коло на групата Д од Лигата на шампионите и ќе се обиде да ја оствари и третата победа во низа.
Алваро Мората беше стрелец за Јувентус на последните пет европски натпревари и со тоа се изедначи со рекордот што го постави Дел Пјеро пред 20 години. Доколку постигне погодок и вечерва, ќе биде сам на врвот на таа листа.
На другиот крај на теренот, голманот Џанлуиџи Буфон ќе се обиде да го собори другиот рекорд на Дел Пјеро – ако вечерва на теренот помине 73 минути, ќе стане играч со најмногу поминати минути во игра во Јувентус.
Дел Пјеро за Јувентус одигра 48.867 минути во официјални натпревари, додека Буфон досега на теренот помина 48.794.
Алесандро дел Пјеро за Јувентус играше од 1993 до 2012 година.
Со „старата дама“ освои: шест шампионски титули во Серија А, еден трофеј во Лигата на шампионите, еднаш Суперкупот на Италија, еднаш Суперкупот на УЕФА, како и еден трофеј во Серија Б во сезоната 2006/07, кога Јувентус беше исфрлен од првата лига поради аферата Калчополи.

Најнови вести