Корисничко име Лозинка Пријави се
22.9.2014

Лампард: Не сакав на вака да се простам од навивачите на Челзи

Френк Лампард играчот за врска на Манчестер сити, изјави дека му е тешко по голот што го постигна против Челзи – тимот во кого помина 13 години.

„Ова е многу тежок момент за мене, по 13-те одлични сезони во Челзи. Секако дека не очекував да се најдам на теренот, а уште помалку да бидам стрелец“, изјави Лампард.
„Чувствата ми се измешани. Но, исто така, би било многу непрофесионално од моја страна да не влезам на теренот за максимално да си ја одработам својата работа“, додаде играчот на Сити.
Навивачите на „сините“ сè уште не се помириле со фактот дека легендата на нивниот клуб стана член на друг тим од Премиер лигата, а тешко е и да се замисли како се чувствуваат по голот со којшто Френк им донесе реми на „граѓаните“. Френк остана голем, па не го славеше погодокот, а евидентно беше дека му застана кнедла на грло.
„Навивачите на Челзи ми го скандираа името и ги пееја песните коишто ми ги посветија. Ова беше многу емотивен ден за мене. Прв ден кога не знаев што сакам кога се разбудив. Не очекував на овој начин да се збогувам од навивачите на мојот клуб“, изјави Лампард, кој најпрво се поздрави со навивачите на Сити, а потоа помина неколку минути збогувајќи се со навивачите од Лондон.
Некогашниот играч на Вест хем одигра повеќе од 600 натпревари во дресот на тимот од „Стемфорд бриџ“, со кого ги освои сите можни трофеи, а за 13 години во клубот стана и најдобриот стрелец во историјата со 211 голови.
Со голот против својот поранешен тим постигна погодок и во 18-тата последователна сезона во Премиер лигата.
Тој се враќа во Њујорк сити на почетокот на 2015 година, кога тој тим се приклучува на натпреварувањето во МЛС.


Најнови вести