Корисничко име Лозинка Пријави се
13.5.2014

И Рио Фердинанд го напушта „Олд Трафорд“

Рио Фердинанд, стоперот на Манчестер јунајтед, изјави дека донесол одлука да ги напушти „црвените ѓаволи“ по 12 години поминати во клубот.

Договорот на Фердинанд му истекува на крајот на сезоната и тој решил да не го продолжува.
„Размислував долго и многу за својата иднина во последните месеци и решив дека е време да одам понатаму по 12 години во, според мое мислење, најдобриот клуб на светот“, изјави 35-годишниот Фердинанд.
„Во Манчестер јунајтед дојдов со надеж дека ќе освојувам трофеи, но ниту во најлудите соништа не можев да замислам колку успеси ќе имам овде. Играв со некои одлични играчи кои ми станаа добри пријатели, ја освоив Премиер лигата, тука е и фантастичната вечер во Москва и уште многу спомени на коишто секогаш со задоволство ќе се сеќавам“, додаде ветеранот.
Фердинанд за Јунајтед одигра 454 натпревари, шест пати ја освои Премиер лигата, потоа Лигата на шампионите и Светското клупско првенство во 2008 година, два пати Лига купот и пет пати Черити/Комјунити шилдс.
„Околностите не ми дозволија да кажам збогум на начин на којшто сакав, но ја користам оваа можност да им се заблагодарам на сите, на соиграчите, на стручниот штаб, на клубот и на навивачите за незаборавните 12 години. Се чувствувам подготвен и здрав, спремен сум за нов предизвик“, изјави Фердинанд.
Од „Олд Трафорд“ си заминува и Немања Видиќ, стоперскиот партнер на Фердинанд во претходните успешни сезони.

Најнови вести