Корисничко име Лозинка Пријави се
03.9.2013

Манчестер јунајтед го доведе Маруан Фелаини за 24 милиони фунти

Англискиот фудбалски шампион Манчестер јунајтед се обидуваше да ги доведе Фабрегас, Модриќ, Озил, Ерера и Хедира, а на крајот редот за врска го засили со белгискиот репрезентативец Маруан Фелаини.

Вчера челниците на Јунајтед долго комбинираа со засилувања, а долго време се чинеше дека ќе се одлучат за Андер Ерера, фудбалерот за врска на Атлетик Билбао.
Но, на „Олд Трафорд“ направија пресврт и се одлучија за 25-годишниот маркантен фудбалер на Евертон, кој со тоа, овој пат во Јунајтед, повторно ќе му се приклучи на својот неодамнешен тренер Дејвид Мојс. Медиумите од Островот говорат дека Јунајтед за него платил оштета од 24 милиони англиски фунти, со тоа што ќе мора да уплати и одреден износ ако се исполнат договорените бонуси.
Фелаини во Евертон дојде во сезоната 2008/09 од белгискиот Стандард, а во голгетерска смисла најуспешна му беше минатата сезона, кога за Евертон во Премиер лигата постигна 11 погодоци.
Во текот на вчерашниот ден Фелаини го одложи патот за во белгиската репрезентација, па беше на двочасовен разговор со челниците на Евертон и потоа, на час и половина пред крајот на преодниот рок, потпиша за Јунајтед.
„Пресреќен сум што доаѓам во Јунајтед. Долго го познавам менаџерот и многу ја почитувам неговата работа. Кога ми се покажа шансата повторно да соработувам со него, не сакав да ја пропуштам. Во Евертон поминав одличен период и им се заблагодарувам на сите навивачи и на вработените во клубот за сè што направија за мене. Манчестер јунајтед е нешто за што сонува секој фудбалер. Се надевам дека ќе дадам голем придонес во настојувањата на екипата да освои нови трофеи“, изјави Фелаини.

Најнови вести