Корисничко име Лозинка Пријави се
13.3.2013

Солскјер: Гигс сака да го наследи Фергусон

Оле Гунар Солскјер, некогашниот напаѓач на Манчестер јунајтед, е уверен дека неговиот поранешен соиграч Рајан Гигс сака да го наследи Алекс Фергусон на клупата на „црвените ѓаволи“.

Солскјер, кој многу успешно ја тренира екипата на Молде во својата родна Норвешка, се споменуваше како можен наследник на Фергусон, но тој самиот смета дека неуништливиот Гигс е поблиску до таа позиција.
„Гигс таа работа ја сака за себе. Има врвен потенцијал. Ќе игра уште една сезона, но мислам дека сега многу повеќе гледа и слуша што работи менаџерот“, изјави Солскјер за „Мирор“.
Сепак призна дека би сакал еден ден и тој да го тренира Манчестер јунајтед.
„Морате да имате големи соништа, инаку нема да успеете. Ќе видиме што ќе се случи. Уште порано реков дека сонот ми е да станам менаџер на Манчестер јунајтед. Тоа е најголемата работа на светот“, додаде 40-годишниот Норвежанец.
Неговиот врсник Гигс неодамна го продолжи договорот со Јунајтед на уште една сезона.

Најнови вести