Корисничко име Лозинка Пријави се
11.10.2012

Грција десеткувана против Босна и Херцеговина и Словачка

Фернандо Сантос, селекторот на Грција, е соочен со проблеми поради повредите на голем број репрезентативци пред натпреварите со Босна и Херцеговина и Словачка, во квалификациите за Светското првенство во 2014 година.

Најновиот пех на грчкиот тим му се случи на денешниот тренинг бидејќи Лазарос Христодопулос, играчот за врска на Панатинаикос, го истегна бутниот мускул и нема да игра на двата натпревари, против Босна и Херцеговина утре во Атина и на 16-ти октомври на гостувањето кај Словачка во Братислава.
Иронија е тоа што Сантос го повика Христодопулос како замена за Кирјакос Пападопулос, дефанзивниот играч на Шалке, кој претходно отпадна од списокот.
Португалскиот стручњак сега во екипата го смести Јоргос Фотакис, играчот од средината на теренот на ПАОК од Солун.
Двата натпревари ќе ги пропушти и Лукас Винтра, дефанзивниот играч на Панатинаикос, кој денес се здоби со фрактура на коската на стапалото, додека главоболки на Сантос му задава и можното отсуство на Јоргос Цавелас, дефанзивниот играч на францускиот второлигаш Монако, кој, исто така денес, поради вирусна инфекција е префрлен во болница на испитување.
Цавелас претходно оваа седмица беше повикан како замена за Хосе Холебас од Олимпијакос, кој е повреден во текот на изминатиот викенд на првенствениот натпревар на националното првенство.
Немајќи избор, Сантос од младата репрезентација го повика Костас Стафилидис, 18-годишниот дефанзивен играч на ПАОК, кој ќе остане во А-тимот доколку Кавелас не биде спремен за претстојните натпревари.
По два одиграни натпревари, Грција е второпласирана во квалификациската група Г со шест бодови, колку што има и водечката Босна и Херцеговина со многу подобра гол-разлика.

Најнови вести