Корисничко име Лозинка Пријави се
27.9.2012

НФЛ: Крај на агонијата, судиите се враќаат

Челниците на НФЛ конечно постигнаа договор со судиската организација, со што е завршен судискиот локаут.

По три викенди агонија со резервните судии, чии одлуки сериозно го разнишаа интегритетот на НФЛ, правдата повторно ќе ја делат професионалци.
Регуларните судии на НФЛ првиот натпревар ќе го водат вечерва, кога Балтимор рејвенс ќе го дочекаат Кливленд браунс.
Постигнат е нов осумгодишен договор на НФЛ и Унијата на судиите, кој го ратификуваше 51% од 121 член на судиската унија.
Сега судиите, коишто се привремено вработени во лигата, во наредните седум години ќе имаат константен раст на просечната плата, која од сегашните 149.000 долари ќе достигне износ од 205.000 долари до 2019 година.
Иако спортистите константно се во судир со судиите, враќањето на професионалните арбитри први го поздравија играчите на тимовите на НФЛ, коишто беа на крајот на нервите поради поедини катастрофални одлуки во првите три седмици на новата сезона.