Корисничко име Лозинка Пријави се
03.7.2012

Победа на Македонија за четврт-финале

Македонската кошаркарска репрезентација се созема од шокот по поразот од Ангола и со доминантна игра над Нов Зеланд и победа од 84-62 избори пласман во четврт-финалето на квалификацискиот турнир за пласман на Олимписките игри во Лондон каде ќе играме против Русија или Доминиканската република.

Поучени од вчерашниот пораз нашите репрезентативци многу поангажирано го почнаа натпреварот и во првите минути почнаа да ја градат предноста која на моменти во првото полувреме изнесуваше и 17 поени разлика, а на полувремето заминавме со 13 поени предност, 44-31. Новозеланѓаните немаа против игра за нашите расположени кошаркари и сè што направија е да се доближат на 12 поени во третата четвртина.
На стартот од последниот период нашите репрезентативци направија серија од 12-0 со што го откажаа противникот, па до крајот рутински ја одржаа предноста за конечна победа 84-62.
Наш најефикасен кошаркар беше Лестер Бо Мекејлеб кој постигна 23 поени, 11 асистенции и 3 украдени топки, а дабл-дабл учинок имаше капитенот Перо Антиќ со 17 поени и 10 скокови. Тодор Гечевски запиша 16 поени, Владо Илиевски и Војдан Стојановски по 9. Најефикасен во репрезентацијата на Нов Зеланд беше Алекс Плеџер со 11 поени.
Противникот во четврт-финалето ќе го дознаеме утре по меѓусебниот дуел на Русија и Доминиканската република, а следниот натпревар го играме во четврток со еден од овие два противници.

Најнови вести