Корисничко име Лозинка Пријави се
25.8.2018

Македонските одбојкари се непријатни гости

Дома ги загубивме двата меча, но ги добивме двете гостувања

И во четвртиот настап во квалификациите за Европското првенство 2019, репрезентацијата на Македонија играше пет сета, а овојпат на гости против Швајцарија. По овој триумф од 3:2, Мкедонија има 6 бода, и по две победи и порази. Можеби чудно, но победите се на гости, а поразите дома. 

На гостувањето во местото Шененверд, македонските одбојкари имаа голема поддршка од нашинците во салата, и им даваа причини за задоволство во првите два сета, кои Македонија ги добиваше со 25-21 и 25-19. Но, по трети пат во четирите меча, водството од 2-0 не знашеше ништо, третиот сет повторно беше кобен, Македонија драстично падна, и го загуби со 16-25. Швајцарија ја почувствува својата шанса, заигра поборбено и го доби и четвртиот сет, со 25-23.

Во тај-брејкот, Македонија ги контролираше работите на теренот и ја искористи шансата за да слави со 15-12. 

Сега за македонскиот тим му претстои пауза, а потоа на почетокот на јануари, „црвено-жолтите“ гостуваат кај фаворитот Украина и ја пречекуваат Унгарија. Тој клучен дуел со Унгарците ако биде добиен со 3:1 или 3:0 во сетови, Македонија може да се надева дека ќе биде еден од петте најдобри второпласирани во седумте групи.