Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
17.5.2018

Буфон го напушта Јувентус по 17 години!

Џанлуиџи Буфон, легендарниот голман на Јувентус, изјави дека ова му е последна сезона во италијанскиот клуб.

Буфон изјави дека последниот натпревар на сезоната против Верона ќе му биде последен и во дресот на Јувентус, но нема да му биде и во кариерата.
„Мојот последен натпревар за Јувентус ќе биде во сабота и така ќе ја завршам оваа одлична авантура, со две титули и со поддршка од управата“, изјави Буфон на конференцијата за печатот.
Буфон во Јувентус помина 17 години, освои девет шампионски титули на Серија А, како и четири последователни трофеи на Купот и пет на Суперкупот. Во меѓувреме, со репрезентацијата на Италија го освои Светското првенство 2006 година.
„Многу ми е мило што толку многу луѓе дошле да ме видат. Јас секогаш бев чесен и искрен и се борев против лицемерството. Многу сум емотивен, но денес овде дојдов среќен и исполнет. Секогаш се трудев да бидам најдобар што можам“, изјави легендарниот голман.
Четириесетгодишниот голман изјави дека го напушта Јувентус, но не рече дека ја завршува кариерата, така што јавноста веднаш почна да полемизира за тоа што ќе биде со Џиџи.
„До пред 15 дена моето пензионирање беше очигледно, но пред некој ден добив некои интересни понуди надвор од теренот, како и на него, а најважно е тоа што овие надвор од теренот беа од страна на претседателот Ањели. По последниот натпревар во сабота, ќе ми требаат два, три дена на мир да размислам за сè, но сигурен сум дека моето срце ќе ја донесе конечната одлука“, изјави Буфон.

Најнови вести