Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
23.4.2018

Кулибали во 90-тата минута ја собори „старата дама“, Наполи се приближи на бод

Фудбалерите на Наполи го совладаа Јувентус во Торино со резултат 1-0 во дербито на 34-тото коло на италијанската Серија А со голот на Кулибали во 90-тата минута!

Дефанзивниот играч Калиду Кулибали фантастично скокна по центаршутот на Хосе Калјехон од корнер и со глава ја затресе мрежата на Буфон за голема прослава на гостинските играчи.
По оваа победа, „наполитанците“ имаат 85 бода, само еден помалку од водечкиот Јувентус, па во последните четири кола следува вистинска драма во италијанската лига.
Екипата на Маурицио Сари уште во следното коло би можело да ја заземе првата позиција, бидејќи „старата дама“ ја очекува исклучително тежок натпревар – гостувањето на „Џузепе Меаца“ во дербито на Италија. Од друга страна, тимот од југот гостува кај Фиорентина.
„Наполитанците“ и до крајот на првенството имаат полесен распоред – по „виолетовите“, ќе го дочекаат Торино, потоа ќе одат кај Сампдорија, па на крајот на домашен терен ќе го пречекаат Кротоне.
Покрај Интер, Јувентус мора да се сретне со Болоња, со Рома во Рим и со Верона.
Може да се каже дека гостите сосема заслужено дојдоа до трите бода бидејќи Јувентус покажа исклучително лоша партија. За тоа сведочи и податокот дека немаше удар во рамките на голот на Пепе Реина во текот на 90-те минути, не сметајќи ја стативата на Миралем Пјаниќ, и дека имаше значително полош посед на топката.
Наполи се закануваше со Хамшик, кој испрати удар покрај голот од непосредна близина, а во финишот на полувремето погодокот на Лоренцо Инсиње беше поништен поради офсајд.
Во второто полувреме имаше вистинско тактичко надмудрување. Јувентус очигледно се определи да ја зачува нулата, кој би му го отворила патот кон титулата. Масимилијано Алегри го замени Пауло Дибала со Хуан Куадрадо и заигра подефанзивно, додека гостите со сите сили се обидуваа да дојдат до победа. Таквата игра им се исплати во самиот финиш на натпреварот, па сега повторно се во игра за шампионската титула.

Најнови вести