Корисничко име Лозинка Пријави се
07.12.2017

Јаневски: Да истрчаме храбро и да дојдеме до посакуваните бодови

Македонскиот ракометен шампион Вардар вечерва го игра последниот натпревар од групната фаза во Лигата на Европа.

Иако вечерашниот натпревар во однос на табелата на двата тима нема големо значење, Чедомир Јаневски, шефот на стручниот штаб на „црвено-белите“ изјави дека играчите сè уште имаат желба за освојување бодови и тоа би требало да го покажат во вечерашниот дуел со Розенборг.
На вчерашната прес-конференција Чедомир Јаневски, тренерот на Вардар, ја даде следната изјава:
„Ова за нас е последен натпревар во Лигата на Европа, ова ни служеше да собираме добро искуство, и ние како стручен штаб и фудбалерите видовме што значи да се игра во една ваква Лига. Овие натпревари треба да ни бидат мотив за следните сезони исто така да се обидеме да обезбедиме учество во вакви натпреварувања, бидејќи од овие фудбалери еден ден многумина ќе играат надвор, да знаат што ги очекува и како е да се игра во Европа. Во овој последен натпревар сакаме да ги освоиме првите бодови, затоа што освен искуството, мора да гледаме и резултатски. На гостувањата бевме блиску, против Розенборг на гости одигравме добар натпревар со шанси, но за жал го загубивме. Со Зенит исто така бевме рамноправен противник, особено во второто полувреме, каде што можевме да дојдеме до тој историски бод, но и таму не успеавме. Утре ни е последен натпревар, последна шанса да дојдеме до бодови“, изјави Јаневски на вчерашната конференција за медиумите.
Вардар вечерва ќе биде без Ховханес Хамбарџумјан поради жолти картони, додека Владица Брдаровски нема да игра поради повреда. Тренерот на „црвено-црните“ изјави дека за вечерашниот состав ќе има извесни рокади.
„Од тие 19 играчи коишто ги пријавивме на почетокот на ова натпреварување, имаме играчи кои не можат да настапат - Брдаровски, кој подолго време е отсутен, потоа Хамбарџумјан нема да биде на располагање поради картони. Затоа ќе мораме во дефанзивната линија да правиме неколку рокади немојте да бидете изненадени ако на натпреварот видите некој фудбалер на друга позиција. Но, без разлика на тоа, мора да веруваме во себе, да истрчаме храбро да дојдеме до тие посакувани бодови дома“, изјави Јаневски.

Најнови вести