Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
02.12.2017

Игуаин го казни Наполи за пропуштените шанси

Фудбалерите на Јувентус победија на гостувањето кај Наполи со 1-0 во дерби-натпреварот на 15-тото коло во Серија А.

Во средбата меѓу првопласираната и второпласираната екипа, втората забележа триумф и сега се приближи само на еден бод заостанување.
Одлучувачкиот гол го постигна Гонзало Игуаин, некогашниот играч на Наполи, и тоа на почетокот на натпреварот во 13-тата минута.
Дибала одлично повлече контра и со добар пас го пронајде Игуаин. Аргентинецот одлично се снајде и со удар во блискиот агол го совлада Пепе Реина.
Потоа само по пет минути игра, домашните играчи имаа шанса со одличниот удар на Марек Хамшик, но Буфон, како во најдобрите денови, го одбрани.
Неверојатно е колку шанси не погодија домашните играчи во првото полувреме. И во наредните три пати (во 32-рата, во 33-тата и во 37-мата минута) Буфон одлично реагираше.
Во продолжението на натпреварот, Наполи повторно изгледаше како подобра екипа, но топката не сакаше да оди во голот. Џиџи Буфон е најзаслужен за тоа што мрежата на Јувентус остана празна.
Наполи имаше дури 21 удар, од кои шест беа во рамките на голот. Од друга страна, Јувентус имаше седум удари, од кои четири во голот.
Јувентус во овој натпревар дојде до важен триумф бидејќи сега има само еден бод помалку од Наполи, кој со можен триумф ќе отидеше на плус седум, но екипата на Масимилијано Алегри беше таа што славеше.

Најнови вести