Корисничко име Лозинка Пријави се
28.9.2017

Вардар по први евро-бодови во Норвешка

Чедомир Јаневски, тренерот на фудбалерите на Вардар, изјави дека верува во квалитетот на неговиот тим и дека може да дојде до позитивен резултат во натпреварот со норвешкиот Розенборг.

Натпреварот од второто коло на групата Л во Лигата на Европа меѓу Розенборг и Вардар се игра вечерва, од 19 часот.
„Верувам во нашиот квалитет. Не можам да кажам дека сигурно ќе победиме, тоа е тешко да се каже, посебно во ваквите натпревари, но овде (во Трондхејм) дојдовме да одиграме добар натпревар и се надевам дека тоа ќе ни донесе позитивен резултат“, изјави Јаневски на конференцијата за новинарите пред натпреварот од Лигата на Европа.
Како што пренесува клупската интернет-страница, Јаневски додаде дека Вардар и Розенборг имаа лош старт во групната фаза на Лигата на Европа и дека сега, на некој начин, двата тима сакаат прва победа.
Каре Ингебригтсен, тренерот на Розенборг, изјави дека Вардар не е лесен противник, но дека очекува дека неговиот тим ќе ги освои сите три бода.
„Ги победија Малме и Фенербахче, па нè очекува тежок натпревар. Ние сме подготвени. Ќе играме напаѓачки од самиот почеток и имаме намера да ги освоиме трите бода“, изјави Ингебригтсен.
Вардар во првото коло изгуби од Зенит со 5-0 на домашен терен во Скопје, а Розенборг од Реал Сосиедад со 4-0 во Сан Себастијан.

Најнови вести