Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
14.9.2017

Јаневски: Ќе се обидеме да дојдеме до бодови против Зенит

Чедомир Јаневски, тренерот на Вардар, изјави дека неговиот тим во натпреварот против рускиот Зенит ќе се обиде да игра како да нема што да изгуби.

„Зенит секако е фаворит. Ја анализиравме нивната игра и можам да кажам дека работевме напорно со цел да одиграме уште еден добар натпревар пред нашата публика, посебно пред ’комитите’“, изјави Јаневски на конференцијата за медиумите.
Јаневски изјави дека Зенит е тим кој има фантастични поединци кои може да се разбудат во секој момент и поради тоа неговите играчи мора да бидат внимателни.
„Нема да ја менуваме формацијата, тоа навистина би било тешко бидејќи не работев со тимот во подготвителниот период“, изјави Јаневски, кој екипата на македонскиот шампион ја презеде пред квалификациите во плејофот за Лигата на Европа.
Бобан Грнчаров, капитенот на македонскиот фудбалски шампион, изјави дека се согласува со тоа дека Вардар нема што да изгуби во натпреварот против клубот кој во 2008 година ја освои Лигата на Европа, дека ќе биде тешко, но наведе дека тие ќе играат офанзивно и дека очекува поддршка од публиката.
„Иако сме свесни против каков противник играме, мислам дека со победи во првите две кола можеме да размислуваме и за пласман во следната фаза“, изјави Грнчаров.
Натпреварот од првото коло на групата Л од Лигата на Европа меѓу Вардар и Зенит се игра вечерва, од 21.05 часот на арената „Филип Втори“ во Скопје.

Најнови вести