Корисничко име Лозинка Пријави се
15.8.2017

Гоце Седлоски си оди од Вардар два дена пред дуелот со Фенербахче

На два дена пред натпреварот со Фенербахче за пласман во групната фаза на Лигата на Европа, шефот на стручниот штаб на фудбалскиот клуб Вардар изјави дека си заминува од македонскиот шампион.

Откако Сергеј Самсоненко најави дека ќе си замине од сите три екипи на Вардар, денес на интернет-страницата на клубот беше објавена уште една неочекувана вест – „црвено-црните“ ќе ги напушти Гоце Седлоски, и тоа само на два дена пред натпреварот со Фенербахче. 
„Почитувани,
Јас, Гоце Седлоски денес донесов одлука да си поднесам оставка од местото шеф на стручен штаб на ФК Вардар, за доброто на сите во клубот. Ова размислував да го направам уште по вториот натпревар со ФК Копенхаген, којшто го загубивме. Сепак, успеав да соберам сили и да го започнам македонското првенство. По загубениот натпревар со Шкендија, овие два дена размислував добро и денеска ја донесов оваа одлука. Тие два порази ме погодија многу бидејќи јас како човек не сум навикнат да губам, но и фудбалскиот клуб Вардар не е навикнат на порази.
Горд сум на постигнатото. Успеавме да освоиме две титули во две години, а горд сум и на победата над Малме и пласманот во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите, како и домашната победа со Копенхаген.
Сакам да им се заблагодарам на играчите, на управата и на сопственикот, господинот Сергеј Самсоненко, од кој имав несебична поддршка во целиот период. Благодарност и до сите вработени во Фудбалскиот клуб Вардар. Жалам, дојде време да се разделиме. На фудбалскиот клуб Вардар му посакувам успех на европска сцена во плејофот од Лигата на Европа против Фенербахче, како и во домашното првенство и во Купот на Македонија“, стои во соопштението на Гоце Седлоски.
Вардар со Седлоски освои две шампионски титули во првенството на Македонија, во второто квалификациско коло за Лигата на шампионите го победи фаворитот Малме, а во третото коло беше елиминиран од Копенхаген.
Вардар вчера беше засилен со двајца нови фудбалери, ганскиот играч од средниот ред Мустафа Куајнор (22) и бразилскиот напаѓач Итало.

Најнови вести