Корисничко име Лозинка Пријави се
16.9.2016

Кинез го купи Вест Бромич албион

Кинескиот инвестициски фонд го купи англискиот фудбалски клуб Вест Бромич албион, соопшти Премиер лигата.

Како што пренесе Би-би-си, Џереми Пис, поранешниот претседател на Вест Бромич албион, минатиот месец се согласил да го продаде клубот на Групата која ја предводи Гуочуан Лаи.
„Мило ми е што го завршивме купувањето и што ќе станам претседател на клубот“, изјави Лаи.
Пис, кој од 2002 година беше претседател на Вест Бромич, изјави дека бил привилегиран што можел да го води Албион.
„Горд сум што 11 од моите 15 сезони во клубот ги поминавме во Премиер лигата, а во трите сезони обезбедивме директен пласман во Премиер лигата. Гуочуан Лаи беше сигурен партнер во текот на преземањето и двајцата направивме сè што е можно за клубот да напредува“, изјави Пис.
Лаи во Кина го надгледуваше развојот на компанијата за пејзажна архитектура „Палм“, пред да се пензионира во мај 2014 година и да му се посвети на приватниот бизнис.
Компанијата „Палм“, чија вредност на кинеската берза е проценета на 1,8 милијарди фунти, придонесе за купување на клубот.
Договорот за продажбата на Вест Бромич е постигнат во јуни, но се чекаа одобрувањата од Управата за финансиско работење и од Премиер лигата.
По четири одиграни кола во Премиер лигата, Вест Бромич се наоѓа на 12-тото место на табелата со четири бодови.

Најнови вести