Корисничко име Лозинка Пријави се
10.6.2015

Македонските ракометари по нова победа над Швајцарија

Вечерва од 20 часот во Сент Гален македонската ракометна репрезентација против Швајцарија ќе го одигра претпоследниот квалификациски натпревар во групата 6 за Европското првенство кое следната година ќе се одржи во Полска.

И покрај големиот замор од напорната сезона, избраниците на Ивица Обрван ветуваат дека ќе дадат сè од себе за да победат, па во недела, со нова победа над Чешка во Скопје, да се пласираат на Европското првенство. На репрезентацијата ѝ се приклучи и капитенот Кире Лазаров кој има проблеми со повреда, но сепак ќе ја предводи селекција до нов пласман на европските првенства.
Селекторот Обрван пред дуелот има големи проблеми околу составувањето на тимот, но ракометарите коишто се на располагање ќе го дадат максимумот од себе за да успеат да победат и со тоа да ја продолжат успешната серија во дуелите со репрезентацијата на Швајцарија.
Македонија два пати по ред беше поразена пред повеќе од една деценија, а потоа направи низа од три последователни победи против Швајцарија, па се очекува вечерва таа да биде продолжена.
Во Сент Гален македонската селекција ќе има голема поддршка, се очекува во арената да присуствуваат околу илјада наши навивачи, а тоа би требало да биде дополнителен мотив за македонските ракометарите да извојуваат победа.
Вечерашниот натпревар во Сент Гален почнува од 20 часот, а на првиот натпревар во Скопје Македонија во октомври минатата година ја победи Швајцарија со 27-20.

Најнови вести