Корисничко име Лозинка Пријави се
14.4.2015

Дрогба: Ќе играм и во наредната сезона

Дидие Дрогба, фудбалерот на Челзи, изјави дека нема да ја заврши кариерата на крајот на сезоната.

Дрогба минатото лето потпиша едногодишен договор со Челзи, а британските медиуми шпекулираат дека по истекувањето на договорот, 37-годишниот напаѓач ќе ја заврши кариерата. Управата на Челзи сè уште не му понудила нов договор.
„Одлучив, ова не е мојата последна сезона“, изјави Дрогба.
Дрогба оваа сезона во Челзи нема голема минутажа, менаџерот Жозе Мурињо им дава предност на Диего Коста и Лоик Реми.
„Тешко е кога не играш редовно, но секогаш ќе давам сè од себе. Против Квинс парк ренџерс се обидов да го дадам максимумот според физичката подготвеност и ако му бидам потребен на тренерот, подготвен сум“, изјави Дрогба.
Фудбалерот на Брегот на Слоновата Коска оваа сезона би можело да ја освои својата четврта титула во Премиер лигата.
„Го гледаме само следниот натпревар. Сакавме да го победиме Квинс парк ренџерс и да се доближиме кон титулата. Нè чекаат натпреварите со Манчестер јунајтед и со Арсенал, но ќе мислиме само на својата игра“, додаде Дрогба.
По 32 кола во Премиер лигата, Челзи е прв на табелата и има 73 бодови, седум повеќе од Арсенал, кој има натпревар повеќе.
„Први сме на табелата, а нашите противници можеби размислуваат за нас и се надеваат дека ќе направиме лош резултат. Но, ние сме позитивни и сакаме да победуваме. Убаво е на чело, но кога ќе го погледнете натпреварот со Квинс парк ренџерс, сфаќате дека разликата лесно може да се истопи“, изјави Дрогба.

Најнови вести