Корисничко име Лозинка Пријави се
10.3.2015

Погба: Не се чувствувам како водач

Пол Погба, фудбалерот на Јувентус, изјави дека смета дека трката за титулата не е одлучена и покрај победата над Сасуоло во 26-тото коло на Серија А.

Со тој триумф клубот од Торино дополнително ѝ избега на Рома, па на 12 кола пред крајот, има предност од 11 бодови.
„Не се чувствувам како да сум го донел Скудетото. Сепак, победивме во тежок натпревар и ова е сигурно важна победа“, изјави Погба, стрелецот на единствениот гол на натпреварот.
Погба е клучен во походот на Јувентус кон четвртата последователна титула, даде седум голови на 22 натпревари во Калчо лигата.
„Не се чувствувам како водач, туку само како еден од играчите во исклучителна група. Можам да напредувам. Ако сакам да бидам голем играч, морам да работам повеќе, на натпреварите и на тренинзите“, додаде фудбалерот на Јувентус.
Францускиот репрезентативец голот го прослави така што ги стави дланките околу ушите алудирајќи на тоа што во последно време е критикуван, но и на свирежите коишто се слушаа во текот на натпреварот со Сасуоло.
„Им се заблагодарувам на сите свои соиграчи и на навивачите, бидејќи без нив немаше да стигнеме далеку. Потребни ни се и кога играме лошо, секогаш има тешки моменти, ни треба нивната поддршка“, изјави Погба.

Најнови вести