Корисничко име Лозинка Пријави се
18.3.2014

Дрогба: Очекувам топло добредојде на „Стемфорд бриџ“

Дидие Дрогба, играчот на турскиот Галатасарај, изјави дека не знае како ќе се чувствува кога денес ќе излезе на теренот на стадионот „Стемфорд бриџ“, но дека очекува топло добредојде од навивачите на Челзи, кои го избраа за најдобар играч во клупската историја.

Челзи вечерва од 20.45 часот во Лондон против Галатасарај го игра реванш-натпреварот од осминафиналето на Лигата на шампионите. Во првиот натпревар во Истанбул резултатот беше 1-1.
Дрогба меѓу 2004 и 2012 година одигра 341 натпревар за Челзи и постигна 157 голови. Освои три шампионски титули, четири титули на ФА купот, две на Лига купот и Лигата на шампионите во 2012 година, кога по неговиот пенал, Челзи во финалето го победи Баерн Минхен.
„Тоа е клубот во кого доживеав сè. Игравме на високо ниво и тоа ми овозможи да се доближам до најдобрите светски фудбалери. Тоа ќе биде посебен момент бидејќи не знам како ќе реагирам и прилично сум загрижен поради тоа“, изјави Дрогба за интернет-страницата на УЕФА.
„Мислам дека имам право да кажам дека ќе добијам топло добредојде на ’Стемфорд бриџ’, затоа што ги познавам навивачите на Челзи и нашиот однос е посебен. Ќе биде одлично повторно да ги видам, се радувам на тоа“, додаде фудбалерот од Брегот на Слоновата Коска.
Галатасарај во натпреварот влегува по нерешениот резултат (0-0) во првенството со Карабукспор, додека Челзи изгуби од Астон Вила со 0-1.
„Ако бидеме концентрирани и ако одиграме физички добро, можеме да ја отежнеме работата на секоја голема екипа“, изјави Дрогба.

Најнови вести