Корисничко име Лозинка Пријави се
17.3.2014

ЖРК Вардар против Будуќност за финале на Фајнал фор

Во полуфиналето на Фајнал фор турнирот во ракометната Лига на шампиони македонскиот ракометен шампион ЖРК Вардар ќе се сретне со Будуќност.

Шампионот на Црна Гора се пласира на второто место во групата 2, откако Ѓер го победи Ларвик со 31-29 во последното коло. Во втората полуфинална средба играат Ѓер и Митјиланд.
Полуфиналните натпревари ќе се одиграат на трети мај, додека финалето и средбата за третото место се закажани еден ден подоцна. Фајнал фор турнирот ќе се одржи во Будимпешта.
“Најпрвин морам да ѝ се заблагодарам на нашата верна публика затоа што не бодреше вечерва, но и во целата сезона. Многумина очекуваа од нас да го оствариме овој успех, што уште повеќе ни ја отежнуваше работата, а исто така, имаше и такви кои не веруваа во нас. Ја остваривме нашата главна цел, се пласиравме на Фајнал фор, но не застануваме тука. Верувам дека времето кое го имаме до почетокот на мај ќе го искористиме за отстранување одредени грешки и што поподготвени да одиграме во Будимпешта“, изјави Индира Кастратовиќ, тренерот на ЖРК Вардар, по победата од 24-18 над Савехоф и историскиот успех и пласманот на Фајнал фор.