Корисничко име Лозинка Пријави се
05.5.2014

ЖРК Вардар трет во Европа, Ѓер шампион

Нашиот женски ракометен шампион Вардар го освои бронзениот медал и со тоа го оствари најголемиот успех во својата историја. Во првиот фајналфор од ракометната Лига на шампиони унгарскиот претставник Ѓер триумфира над Будуќност со 27-21 и ја одбрани титулата во европското клупско натпреварување.

По тесниот пораз во полуфиналниот натпревар од Будуќност, ракометарките на Индира Кастратовиќ покажаа дека имаат квалитет и цврст карактер, кој им донесе трето место на првиот женски ракометен фајналфор во Будимпешта. Вардарки одиграа одлични 60 минути против Митјиланд и во ефикасен натпревар на крајот се радуваа со победа од 34:31.
Најпрецизни во нашиот тим беа Радичевиќ и Николиќ со по шест гола, Лекиќ постигна пет, а Хмирова четири. Ина Суслина натпреварот го заврши со 12 успешни интервенции.
Ракометарките на Ѓер беа фаворити на фајналфорот во Будимпешта. Во првите осум минути од финалето против Будуќност постигнаа само три погодоци, но потоа во текот на целата средба беа подобар противник.
Ѓер доминираше на теренот уште во првиот дел, кога си обезбеди предност од 15-10. Иако ракометарките на црногорскиот клуб се бореа во вториот дел, немаа сили да ја намалат разликата под три гола. Унгарките  во поголемиот дел од средбата беа во предност од четири до пет погодоци и на крајот го освоија шампионскиот пехар, втор во низа.
Македонскиот ракометен шампион Вардар во овој фајналфор, кој за првпат се одржува во женска конкуренција во Лигата на шампионите, го направи најголемиот успех за македонскиот женски ракомет по 12 години, кога ракометарките на Кометал Ѓорче Петров го освоија европскиот пехар.

Најнови вести