Корисничко име Лозинка Пријави се
11.9.2013

Македонија во финишот поразена од Шкотска

Македонија вчера загуби од Шкотска со 2-1 и значително си ги намали шансите да стигне до третото место во Групата А во квалификациите за Светското првенство во Бразил следната година.

По победата над Велс минатиот петок, вчера на Националната арена „Филип II“ македонската репрезентација одигра многу послабо и беше поразена во самиот финиш.
Избраниците на Чеде Јаневски одиграа слабо прво полувреме, а благодарејќи на неколкуте интервенции на Пачовски, Шкотите немаа предност по првите 45 минути. Одбраната не беше на потребното ниво, средниот ред немаше идеја како да се пробијат гостите, а напаѓачите беа целосно безопасни.
Второто полувреме го почнавме многу поконкретно и ја контролиравме играта, но во 59-тата минута, по една брза контра, левиот бек на шкотската репрезентација Анја се проби во шеснаесетникот и со удар по земја го совлада Пачовски. По примениот гол, македонската репрезентација како да се разбуди, па заигра многу поквалитетно и поангажирано и направи неколку шанси, кои Тричковски и Ивановски не успеаја да ги претворат во гол.
Притисокот конечно даде резултат во 83-тата минута, кога Пандев го проигра Јован Костовски, кој на мајсторски начин ја проконтролира топката пред гостинскиот голман и ја испрати во голот.
И кога се чинеше дека и овој мече ќе заврши како првиот дуел на овие две репрезентации во Глазгов, во самиот финиш Малоуни, со вистински еврогол од слободен удар од дваесетина метри, го совлада Пачовски и нè врати на претпоследното, шесто место во групата.
Во другиот натпревар од нашата група, Србија на гости го совлада Велс со 3-0.

Најнови вести