Корисничко име Лозинка Пријави се
07.9.2013

Македонија ѝ одржа лекција на Србија

Македонија на третиот натпревар во Словенија покажа зошто е четврта репрезентација во Европа и ѝ одржа вистинска лекција по кошарка на Србија совладувајќи ја со 89:75.

Македонија беше доминантна од самиот почеток на натпреварот и постојано ја зголемуваше предноста. Добро ни одеше шутот за три поени, Владо Илиевски погоди две тројки во финишот на првата четвртина за голема предност од 12 поени, 29-17.
И во втората четвртина продолживме да го полниме кошот на Србија, Илиевски имаше три тројки од три обиди, а и Антиќ со три поени ја зголеми предноста на 15 поени, 40:25. Со поените на Бо Мекејлеб заминавме на полувреме со 48:32.
Второто полувреме го почнавме одлично и со брзи четири поени првпат се одделивме на 20 поени. Мекејлеб беше одличен, прецизни беа Самарџиски и Антиќ за фантастични 70:45 по третата четвртина.
Македонија беше многу подобра од Србија, со подобар процент на шут од поле и за три поени, а имаше и повеќе скокови. Србите се приближија на 11 поени на 4 минути до крајот, но нашите репрезентативци не дозволија изненадување и на крајот победија со 89:75.
Лестер Бо Мекејлеб постигна 27 поени, Перо Антиќ имаше дабл-дабл учинок со 16 поени и 14 скока, а Владо Илиевски даде 16 коша, од кои 4 тројки.
Следниот натпревар го играме со Босна и Херцеговина утре во 14:30, а во истиот термин во понеделник ќе го одиграме и последниот натпревар од групната фаза против Летонија. На овие натпревари ќе бидеме без Ѓорѓи Чековски кој се повреди против Литванија и за него заврши Европското првенство.

Најнови вести