Корисничко име Лозинка Пријави се
26.8.2013

Станковиќ се збогува од навивачите на Интер

Дејан Станковиќ, поранешниот капитен на репрезентацијата на Србија и долгогодишен истакнат првотимец на Интер, се збогува од навивачите на најтрофејниот италијански клуб и потврди крај на кариерата.

Станковиќ пред првенствениот натпревар против Џенова со овации е поздравен на стадионот „Џузепе Меаца“ и со солзи во очите им се заблагодари на навивачите на „нераѕурите“ за поддршката во текот на претходните девет години.
„Ова е емотивен ден за мене. Толку пати дадов сè за овој дрес и влегов во историјата на клубот. Ова не е мое збогување од Интер, но дефинитивно е збогување од теренот. Што ќе работам утре, не знам, прво ќе се одморам“, им изјави на италијанските медиуми еден од најдобрите српски фудбалери во последните две децении.
Клубот од Милано и 34-годишниот Станковиќ летоска спогодбено го раскинаа договорот, една година пред неговото истекување.
Станковиќ за Интер од јануари 2004 година, кога стигна од римскиот Лацио, одигра 321 натпревар и постигна 41 гол. Најголемиот успех го оствари во сезоната 2009/10, кога со Интер ги освои: Лигата на шампионите, Серија А и Купот на Италија.
Српскиот фудбалер во текот на блескавата кариера играше уште за Црвена ѕвезда меѓу 1994 и 1998 и за Лацио од 1998 до 2004 година.
За националната репрезентација Станковиќ одигра 102 натпревари и постигна 15 голови.

Најнови вести