Корисничко име Лозинка Пријави се
14.11.2012

Роси ѝ се врати на Јамаха

Деветкратниот светски шампион Валентино Роси по две години ѝ се врати на Јамаха, по што го тестираше моторот за наредната година на патеката „Рикардо Тормо“.

Роси во претходните две години возеше за Дукати, со кого оствари разочарувачки резултати, само три пати се најде на подиумот, а соработката со италијанскиот тим ја заврши во неделата, на Големата награда на Валенсија, која ја заврши како десетти.
Првиот ден на тестирањата во Валенсија го обележаа лошите временски услови, а најдобро време забележа Алваро Баутиста, возачот на Хонда Гресини, од 1:35.936 минути, додека дождот сè уште немаше почнато да врне. Втор беше Штефан Брадл на ЛЦР Хонда ГП со заостанување од две и пол секунди, додека трет беше Андреа Довициозо на своето деби на Дукати, со четири секунди послабо време.
Роси беше шести, бидејќи брзите кругови ги извози само што се влошија временските услови, а беше зад најдобрите тројца, зад возачот на Авинтија и зад својот довчерашен тимски колега. Поради условите во Валенсија, тимот на Јамаха одлучи да се пресели во Арагон и таму денеска ќе го одработи вториот ден на првите официјални тестирања за следната сезона.
Во сенка на враќањето на Роси, покрај резултатите на тренингот, поминаа и останатите промени на возачките тимови. Вчера по прв пат во нови бои, покрај Довициозо,се најде и Марк Маркес, овогодишниот шампион на Мото 2, којшто го замени Кејси Стонер во Репсол Хонда. Таков е случајот уште и со двајца ривали од средната категорија, Андреа Јаноне и Бредли Смит, коишто следната сезона ќе ги бранат боите на Прамак Дукати, односно Тех 3 Јамаха. Од нив тројцата, само Јаноне се најде на патеката и забележа 13-то време.