Корисничко име Лозинка Пријави се
27.3.2017

Мото ГП: На Вињалес му припадна жестока премиерна битка

Шпанскиот мотоциклист Маверик Вињалес славеше на премиерната нова сезона на шампионатот во Мото ГП за Големата награда на Катар.

Вињалес триумфираше на неговото деби на Јамаха по жестоката битка со Андреа Довициозо, а славеше по втор пат во кариерата.
Шпанецот и Италијанецот неколку пати се менуваа во водството на „Лосаил“, каде што на подиумот се искачи и другиот возач на Јамаха, повеќекратниот шампион Валентино Роси, пред актуелниот шампион Марк Маркес.
Италијанецот до подиумот стигна иако трката ја почна од десеттата позиција, на 38-годишна возраст.
„Некој да ми понудеше да се обложам пред трката дека ќе бидам на подиумот, би го одбил. Можеби би се обложил за десет евра“, изјави Роси.
Вечерта во Доха ја обележа трагичниот крај за дебитантот во шампионатот на Мото ГП, Жоан Зарко. Двократниот светски шампион во класата Мото 2 водеше до 14 кругови пред крајот, но изгуби контрола над неговиот мотор „јамаха“ во втората кривина, па заврши покрај патеката.
Трката во Доха доцнеше 45 минути поради нови проблеми со дождот, поради што не се возени ниту квалификациите во саботата, а од таа причина имаше и два круга помалку.
Наредната трка на шампионатот на Мото ГП на програмата е на деветти април во Сантијаго дел Естеро, за Големата награда на Аргентина.

Пласман во трката за Големата награда на Катар:
1. Маверик Вињалес (Јамаха) 38:49,999 минути
2. Андреа Довициозо (Дукати) +0,461 секунди
3. Валентино Роси (Јамаха) +1.928
4. Марк Маркес (Хонда) +6,745
5. Дани Педроса (Хонда) +7,128

 

Најнови вести