Корисничко име Лозинка Пријави се
25.6.2012

Вардар против БАТЕ Борисов во квалификациите за ЛШ

Македонскиот шампион Вардар на ждрепката во Нион го доби најнепосакуваниот противник во второто квалификациско коло од Лигата на шампионите, белорускиот првак БАТЕ Борисов.

Белорускиот клуб не е толку звучно име како некои од другите клубови со кои можеше да се сретне Вардар, но се работи за клуб со голем буџет, кој има играно во групната фаза од Лигата на шампионите. Минатата сезона беше во група со Барселона, Милан и Викторија П’лзењ, а сезоната пред тоа играше во групната фаза на Лигата на Европа.
Првата средба Вардар ќе ја игра на гости на 17/18 јули, а реваншот е седум дена подоцна во Скопје.
БАТЕ Борисов е осумкратен шампион на Белорусија, а двапати го има освоено и Купот на Белорусија. Белорускиот првак пред две години играше против тогашниот македонски шампион, Македонија Ѓорче Петров, во квалификациите на Лигата на шампионите и двапати победи, со 2-0 дома и на гости.
Од другите поинтересни дуели, словенечкиот Марибор се среќава со босанскиот претставник Железничар, Флора Талин игра против Базел, бугарскиот Лудогорец против Динамо Загреб, а Валета или Луситанс против српскиот првак Партизан.

Најнови вести